
Од денеска стапи на сила мерка на Влада со која низа производи во маркетите се продаваат по пониски цени. Бел ориз, леб, млеко и млечни производи, месо, овошје и зеленчук се дел од производите кои со натписот „Гарантирана цена“ во маркетите ќе се продаваат по цена не повисока од онаа која била на 1 август.
За 10% ќе се намали и цената на безалкохолните и алкохолни пијалоци, напиша денеска на својот фејсбук профил Министерот, Крешник Бектеши.
„Намалување на цените на безалкохлните и алкохолните пијалоци! Денеска добив неколку писма од нашите домашни производители на минерална вода, сокови, пиво кои ме известија дека доброволно се вклучуваат во кампањата “ГАРАНТИРАНА ЦЕНА” со намалување на цените од минимум 10%!“ -стои на фејсбук профилот на Бектеши.
И додека најавите се во тек граѓаните на терен во Штип очекуваат истите да станат реалност. Оние кои од утринава биле во маркет велат дека благо намалување има на дел од производите, додавајќи дека се надеваат оти намалени цени ќе има и на останатите производи.
„Да ви кажам отворено нешто што купив има намалени цени, а некои не се намалени. Можеби во текот на денот ќе се намалат. Очекуваме да се намалат цените, ама чекаме да видеме на дело.“ – велат граѓаните.
Мерката за намалување на цените на производите ќе трае до крајот на месец ноември. Со „гарантираните цени“ на производите, Бектеши очекува намалување на инфлацијата на храната за пет отсто до крајот на ноември.
Лаура Стојанова М-Нет