
Бел ориз, леб, јунешко и свинско месо, пилешки стек, тестенини, млеко и млечни производи, јајца, овошје и зеленчук се дел од производите кои од утре ќе се продаваат по пониска цена. Референтни цени за намалувањето се цените кои се применувале на 1 август годинава во трговијата на мало и од утре поевтинувањето ќе биде за 10% согласно со тие цени. Во маркетите овие производи ќе може да се најдат со натписот „гарантирана цена“.
„Ориз бел во пакување од 900 гр од 1 кг, пченично брашно тип 400 и тип 500, бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 г (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите, други пекарски производи, бисквити обични и посни од 300 до 500 гр, наполитанки со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 гр“, наведе Бектеши.
Направена е и мала корекција во однос на акциите, односно маркетите ќе може да ги продаваат производите на акција по пониски цени од овие кои се утврдени со владината одлука, а ако станува збор за намалување поради истек на рок, тоа мора да биде јасно означено и е обврска на сите трговци на мало и ланци на супермаркети. На листата, која денеска ја објави министерот за економија, Крешник Бектеши, се 25 категории производи во кои спаѓаат производите од сите произведувачи.
„Кога зборуваме за бел леб, на пример, зборуваме за сите видови, од сите компании-производители на бел леб. Кога зборуваме за млеко, зборуваме за сите производи на млеко од сите производители, без разлика дали се произведуваат домашно или се увозни“, додава Бектеши.
Бектеши повика медиумите и граѓаните да пријавуваат какво било непочитување на утврдените цени. Иако смета дека во поголема мера ќе се почитуваат, вели дека доколку се случи спротивното, казната може да биде и забрана за вршење на дејност, а надлежноста за тоа е на Државниот пазарен инспекторат.
Ребека Спасова М-Нет