Во сеќавање на Дуле, песните на легендарното дуо Дуле и Коки повторно во штипскиот Дом на млади

По десет години, познатите песни на дуетскиот тандем Дуле и Коки повторно ќе се слушнат на сцената на штипскиот Дом на млади. Во сеќавање на прерано починатиот Душан Љубисављевиќ познат како Дуле, а по десет години од неговата смрт, Коки и неговиот бенд ќе одржат голем концерт со неверојатна енергија и незаборавни моменти, патување низ музиката и хитовите на Дуле и Коки. Местото не е случајно одбрано, вели Коки, туку оти таму биле првите чекори на музичката приказна наречена Дуле и Коки, која и ден-денес останува во меморијата на штипската и македонската јавност.

„Од Дуле и Коки од пред десет години 2013 – 2023 остана само едниот. Во сеќавање на Дуле и тие изминати десет години ќе направиме еден концерт со песните од Дуле и Коки и некои песни коишто се објавени по 2013 година. Не е случајно одбрано ова место – Дом на млади. Овде како деца почнавме двајцата. Многу ми е драго што целата оваа организација и приказна е на едно високо ниво, публиката тоа го препозна“, вели Коки.

Поготовките за утрешниот концерт се во завршна фаза, а најавена е масовна присутност на гости од цела Македонија. Влезниците се по цена од 300 денари во претпродажба и 400 денари на врата, а концертот започнува во 20:30 часот.

„На 15 септември се очекуваат доста луѓе, имаме најава за присуство од цела Македонија, од повеќе градови. Важно е луѓето да дојдат расположени, важно е луѓето да ја запаметат таа вечер, да си поминат убаво. Се надевам дека нема тука да застанеме, ќе имаме време, ако даде Господ, да се случуваат вакви работи, да можеме да се среќаваме и да градиме спомени. Девет луѓе сме на сцена, во бендот, ќе дадеме сѐ од себе, како што треба“, додава Коки.

Дуле и Коки беа едни од најпопуларните музичари на почетокот на 2000 години и двајцата оставија белег на музичката сцена со над 50 композиции, од кои неколку се сметаат за евергрин. Дуле почина во 2013 година на 38 години, а Коки почна да свири со „Тајфата“, за потоа да продолжи како соло изведувач сѐ до денес.

Ребека Спасова М-Нет