Со велосипед на релација Турција – Германија, велосипедистот Паскал денеска е во Штип

Минатата година на релација Германија – Турција возел 2.000 километри, годинава од Турција до Германија ќе извози околу 2.500 километри. Велосипедистот Паскал, кој доаѓа од Германија, минатата година сосем случајно се впуштил во предизвик – повеќе земји да помине со велосипед. Од Турција се вратил без велосипедот, па оваа година повторно одлучува да си го земе и врати назад во Германија. Вчера пристигнал во Македонија, а денеска го затекнавме во Штип, каде ни зборуваше за љубовта кон велосипедизмот.

„Оваа година јас започнав од Истанбул, оттука одам преку Албанија, Италија и потоа дома до Германија. Беше многу спонтано, минатата година патував со велосипед до Турција и го оставив мојот велосипед во Истанбул, бидејќи не можев да најдам автобус за да го превезам мојот велосипед назад, па го оставив таму и оваа година дојдов со автомобил до Истанбул, го зедов и се враќам назад по истиот пат“, вели Паскал.

Можноста да помине најмногу време во истражување ја имал во Турција, од таа причина вели дека од таму носи најубави спомени. Меѓутоа, му се допаѓаат и другите земји, а особено е задоволен и од гостопримството во Македонија. Вели, не вози постојано, туку во некои од местата си зема и слободно време и ги истражува, посетувајќи ги туристичките атракции.

„Навистина, велосипедот ми се допаѓа повеќе ако споредам со автобус, автомобил или воз. Така можам да ги почувствувам луѓето, да застанам во кое било место, село, можам да ја помирисам храната или да ги видам животните. Не знам, едноставно ми се допаѓа. Кога стигнав овде, во Македонија, вчера, беше, навистина, убаво на прв поглед. Луѓето ми велеа „здраво“, ме поздравуваа, ми мавтаа со рацете и ме поканија на пица, што беше навистина прекрасно“, додава Паскал.

За ваков предизвик мора да си добро подготвен, вели Паскал. За исхрана со себе секогаш си носи мали ужинки, како јаткасти плодиви, но посочува дека најважна е хидратацијата. Тој е вегетаријанец, но вели дека тоа не му претставува проблем, бидејќи речиси секаде може да најде вегетаријанска храна.

„Да, тоа е многу важно. Еден ден заборавив да ја ставам мојата капа и, навистина, го почувствував тоа. Исто така многу е важна хидратацијата, добро е што во Македонија, во многу села има чешми со вода која може да се пие и таму можеш да си наполниш шише, што многу ми помага“, вели Паскал.

Велосипедизмот, особено на долга релација, е голем предизвик, потврдува и тој. Често се соочува и со проблеми, но посочува оти сфатил дека колку и да е голем проблемот, сепак ќе се најде решение. Вели, сѐ може да функционира на овој или оној начин, и тоа е нешто што го применува и во своето секојдневие во Германија.

„Пред пет дена останав во еден град додека не се стемни, па возев во темно и на главниот пат велосипедската гума ми пукна, а истиот тој ден јас за загубив пумпата. Тогаш пешачев до бензинска станица, но беше затворена, па морав да кампувам веднаш до патот, што беше тешко. Исто така пред два дена мојот телефон престана да функционира, па морав два дена да го наоѓам патот без телефон“, објаснува Паскал.

Паскал е на студии по инженерство за животна средина, студира и работи. Вели дека минатата година патувал со пријател, но годинава патува сам во период кога е на одмор.

Ребека Спасова М-Нет