
Светиниколските пензионери до големиот протест на 20. месецов, во Скопје, ќе блокираат улици. Претседателот на Иницијативниот одбор посочува дека од барањата нема да отстапат и во никој случај нема да прифатат зголемување од 6%, туку и понатаму ќе бараат линеарно зголемување од 3.500 денари. Денеска тие во траење од еден час ја блокираа улицата „Кочо Рацин“, за, како што велат, да покажат на јавноста дека се истрајни во барањата.
„Бидејќи веќе цел месец сме на улица, срам е за нашата држава што ние како возрасни луѓе од над 65 години барањата свои си ги искажуваме на улица наместо да се разбереме на еден современ начин, човечки, да нѐ разберат дека 3.500 денари не се којзнае какви пари. Ние сме приморани да стоиме на улица на ова сонце“, вели Трајче Стаменов, претседател на Иницијативен одбор.
Пензионерите и денеска потврдија дека со ниските пензии одвај врзуваат крај со крај. Посочија од 3.500 денари нема да променат ногу, но се доволни за почеток, а за понатаму, велат, не ја негираат методологијата за усогласување на пензиите со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата на сите вработени во државата и 50% пораст на трошоци на живот, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика.
Претседателот на Иницијативниот одбор вели дека по протестот во Скопје, повторно ќе протестираат пред Делегацијата на Европската Унија и Амбасадата на САД, со цел да укажат дека ниту една европска земја нема просечна пензија како нашата.
Ребека Спасова М-Нет