Жителите и градоначалникот против АХВ, не дозволуваат закопување 9.000 уништени свињи во карбинско

Најмалку 9.000 свињи од комерцијална фарма во селото Таринци треба да се убијат и нештетно да се уништат по потврден случај на болеста африканска чума кај свињите. Но жителите не дозволуваат да се закопаат во јама помеѓу селата Таринци и Нов Караорман. Вчеравечер излегоа на мирен протест и, според информациите од Општината, успеаја на момент да го спречат копањето јами. Велат дека тоа за населението би било епицентар на ширење болести.

Од Општината велат дека Агенцијата за храна и ветеринарство досега нема доставено никаков допис со кој од нив би побарале локација за закопување на уништените свињи. Градоначалникот, Виктор Паунов, вели дека немало анализа и не се знае од кого е добрена локацијата, којашто сами ја избрале. Очекува институциите да преземат соодветни мерки, а тој вели дека тие ќе се држат до ставот на жителите.

„АХВ официјално со никаков допис кај нас се нема обратено во овие неколку дена. Она што го бараат тие, го бараат усно, го бараат преку други институции, но не и директно до Општина Карбинци со допис. Ние им кажавме дека имаме одредено локации за вакви случаи во минатото, меѓутоа тие локации не соодвестуваат со конкретниов случај, затоа што се работи за огромна бројка на мртви животни коишто треба да се закопаат, а тие локации се со помал обем и во близина на населени места, што е потенцијален извор на зарази или загрозување на животната средина“, вели Паунов.

Но од АХВ велат дека уште од првиот ден се во интензивни контакти со Локалната самоуправа, иако градоначалникот го демантира ова. Потенцираа дека Локалната самоуправа има законска обврска да обезбеди локација за јама, најблиску до жариштето, во која ќе бидат закопани еутанизираните животни. Велат дека во ваков случај е неминовно одговорно однесување од страна на сточарите и локалните самоуправи.

„Потсетуваме дека во услови на епидемија или добиточна болест, согласно со член 222 од Кривичниот законик, непостапувањето по одлука на надлежен орган со која се определуваат мерки за отстранување или спречување болест е кривично дело за која е предвидена парична казна или затвор до три години. Законот предвидува и повисоки казни за ова дело доколку поради делото настапи значителна штета.“ – стои во писмениот одговор од АХВ.

Паунов вели дека треба да се бара одговорност од оние кои дале А-интегрирана дозвола на фармата, а не одредиле локација за вакви случаи. Постоечките две локации се во близина на селата Козјак и Радање, но не се од толкав размер и не одговараат во конкретниов случај.

Инаку, од АХВ велат дека за година и половина по појавувањето на првиот случај на болеста во делчевското село Драмче, до последниот случај во селото Таринци, убиени и нештетно се отстранети околу 3,5 илјади свињи.

Ребека Спасова М-Нет