Паркирани возила ги узурпираа автобуските постројки на првиот ден од градскиот превоз

Два дена по апелот, на првиот ден од воведувањето во функција на општинскиот линиски превоз во Штип, на терен иста слика и стари навики. Автобуските постројки кај Трговскиот центар, ООУ „Ванчо Прке“, Домот на култура и Градскиот пазар се само дел од севкупниот број кои се узурпирани од паркирани автомобили. На дел од нив новите автобуси воопшто и не можат да застанат, па влегувањето во и излегувањето на патници од автобусите предизвикува дополнителен сообраќаен метеж. Градоначалникот, Иван Јорданов, посочи дека за решавање на ваквиот проблем во следниот период ќе има позачестени контроли во соработка со сообраќајната полиција.

„Дополнително, мора заедно со сообраќајната полиција да има позачестени контроли на самите постројки, затоа што луѓето сѐ уште имаат стари навики, односно времено се паркираат возила на самите постројки и тоа создава метеж и неред во движењето и застанувањето на автобусите. Мора заеднички сите да влијаеме на свеста за да ја олесниме свеста на јавното претпријатие, на самите автобуси, на возачите и да нема застој во линиите“, вели Јорданов.

Апелот го повтори и директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски. Вели дека имаат разбирање оти автобуските постројки досега не беа во вистинска функција, но навиките мора да се искоренат сега кога има потреба од истите.

„Апелирам до возачите да не ги паркираат своите возила на местата за застанување за да може општинскиот линиски превоз да функционира непречено“, апелира директорот Стефановски.

Од ЈП „Стипион“ и во апелот кој го упатија пред два дена посочија дека оние возила кои ќе бидат затекнати паркирани на автобуски постројки ќе бидат блокирани и отстранети.

Ребека Спасова М-Нет