Аљтин Лога е херој за Охрид во езерското дерби со Караорман

Денес се комплетираше 2. коло од Втората лига со езерското дерби меѓу Охрид и Караорман, кое беше одложено поради настапот на Струга Трим Лум на СРЦ “Билјанини Извори” во европските квалификации.

Во неизвесен меч Охрид стигна до прво сезонско славје откако славеше со минимални 1:0 над разнишаниот Караорман.

Иако стружани се соочуваат со големи неизвесни предизвици за својата иднина, кога е во прашање езерското дерби се игра со срце за клубот.

Караорман влезе со цел да извлече бод, така беше се до 79. минута, кога Аљтин Лога со прецизен шут ја смести топката во мрежата на Бледар Истрефи.

Охрид сега има 3 бодови на своето конто и во следното коло ќе игра со Вардар Неготино на домашен терен, а Караорман кој останува со три бодови ќе гостува на “Железарница” во Автокоманда каде ќе игра против ланскиот прволигаш Скопје.