Објавени ценовникот и возниот ред за шесте линии за градскиот превоз кој почнува од 1 септември

ЈП „Стипион“ го објави возниот ред за шесте линии за општинскиот линиски превоз, како и превозот до населените места во соседната општина Карбинци. Објавени се и цените на билетите за различните релации. Единечните билети се движат по цени од 30 до 90 денари, повратните билети од 50 до 140. Месечните билети чини од 700 до 1300 денари, а годишните билети од 7.000 до 13.000 денари.

„Општинскиот линиски превоз ќе се одвива во три зони на територија на општина Штип. Првата зона е градската зона за која билетот ќе чини 30 денари, втората зона е до населбите Балканска и Македонка – цената ќе биде 35 денари, а третата зона е Три Чешми, Чардаклија и Стар Караорман и цената ќе биде 40 денари. Меѓуопштинскиот превоз ќе биде со цени од 60 до Таринци, 70 денари до Карбинци и 90 денари до селото Радање“, истакна директорот Стефановски.

Превозот ќе биде бесплатен за децата до петгодишна возраст и лицата со попречености, а првите три дена за сите граѓани.

„Општинскиот линиски превоз започнува со работа на 1 септември. Првите три дена ќе бидат бесплатни за граѓаните да имаат можност да го искусат возењето во автобусите и да ги научат и линиите и возните редови да ги прилагодат на своите потреби“, додаде Стефановски.

Шесте нови автобуси со кои ќе се врши општинскиот линиски превоз пристигнаа вчера, а возниот ред и ценовникот се објавени на „фејсбук“ страницата на ЈП „Стипион“.

Ребека Спасова М-Нет