Пензионерите од Кочани на втор протестен марш, изреволтирани од изјавите на министерката

Пензионерите од кочанскиот Иницијативен одбор сѐ поизреволтирани од изјавите на надлежните во врска со нивните пензии. Денеска повторно излегоа на протестен марш и порачаа да ги остават високите плати, луксузните возила и скапата храна, а да раководат паметно и да одвојат пари за повисоки пензии на пензионерите.

„Откажете се од спортска опрема за играње кошарка и фудбал во канцеларии, откажете се од парите за едукација на магариња, откажете се од платежните картички кои ги користите за лична употреба, а вашите ги губите, па дури не знаете и колку ви е покачената плата (изјава на владин министер), откажете се од измислените дневници кои се како една минимална пензија, откажете се од наместени тендери кои ги правите само за ваши потреби“, вели пензионер од Кочани.

На протестниот собир потсетија на барањата за линеарно покачување од 3.500 денари на сите пензионери и минимална пензија од 18.000 до 20.000 денари, а потоа се упатија на протестен марш до Фондот за пензионерско и инвалидско осигурување. Пораката која ја упатија потсетува дека ќе продолжат со протестите за достинствен живот.

„Масовното присуство на овој протест за првда и право на достоинствен живот е потврда дека сме доведени до дното на егзистенцијата, дека немаме друг избор освен да се бориме да го добиеме тоа што ни припаѓа, предолго чекавме и предолго молчевме“, додава друг пензионер.

Пензионерите се разочарани од тешката ситуација, но и изреволтирани од секоја изјава на министерката Тренчевска. Потсетија оти не бараат многу, туку само тоа што го заслужуваат.

Ова е втор протестен марш на Иницијативниот одбор на пензионери од Кочани, за кој потсетија дека не е политички мотивиран. Пензионерите од цела држава ќе го одржат и својот втор генерален протест, на 20 септември, кога и се одбележува Денот на пензионерите.

Ребека Спасова М-Нет