
Рударскиот Исток се подготвува за 28 август – Денот на рударите. Општините Пробиштип, Македонска Каменица и Радовиш веќе ги подготвија повеќедневните програми со кои ќе одбележат денот на главната дејност во нивниот град. Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов, посочи дека овогодинешната програма е прилагодена за сите генерации.
„По повод празникот на градот или Денот на рударите, Општина Пробиштип традиционално има низа на активности, пред сѐ од културен и забавен карактер. Оваа година имаме богата програма за сите генерации, од најмладите до највозрасните“, вели градоначалникот, Драган Анастасов.
Радовиш во петок и сабота ќе биде домаќин на првиот Блуз фестивал, а во понеделник заедно со рудниците Бучим и Боров дол ќе го прослави Денот на рударите со голем концерт на Каролина Гочева. За целосните програми, велат од Општината, јавноста дополнително ќе биде информирана.
Во склоп на Каменичко културно лето, а по повод Денот на Општина Македонска Каменица и Денот на рударите, пак, ќе настапи српската турбо фолк ѕвезда Аца Лукас. Програмата во Македонска Каменица започнува на 26 август.
Градоначалникот на Пробиштип посочи дека рударство значи многу за градот, бидејќи е еден од носечките столбови на локалната економија.
„Децении наназад постои рударството, околу 420 семејства егзистираат од рудникот „Булмак“ во Пробиштип. Во Општина Пробиштип имаме неколку рудници, секако дека се еден од носечките столбови во самата економија. Факт е дека се зголемува бројот, дека растат платите, затоа е една од економски постабилните општини во целата држава“, додава Анастасов.
Инаку, Денот на рударите е празник на македонските рудари во спомен на Штрајкот од Рудникот во кумановско Лојане во 1929 година за подобрување на работните услови и зголемување на личните доходи. Заштитничка на рударите е Пресвета Богородица, која се слави на истиот ден, а сите македонски рудници организираат прослави и свечености.
Ребека Спасова М-Нет