
Реконструираното игралиште во штипската населба Леваци и официјално е пуштено во употреба. Како едно од игралиштата кои се планирани за повеќето населби, вчеравечер беше промовирано од општинските власти.
„Официјално го пуштаме во употреба новото реконструирано, модерно, спортско игралиште за кошарка и мал фудбал. Кога дојдовме на локална власт, ветивме дека во секое населено место ќе ги реконструираме, ќе ги обновиме постоечките содржини, па така во изминатиов месец овде се работеше на реконструкција на кошаркарското игралиште, на игралиштето за мал фудбал со нанесување тартан-подлога, вештачка трева, поставување нова урбана опрема и се надевам дека истото ќе биде користено од најмладите генерации во оваа населба“, истакна Јорданов.
Во изминатиов период во оваа населба се работеше на улицата „Коле Неделковски“, која беше приоритет поради водоводниот дефект кој ги извади проблемите на виделина. Се работеше и на партерно уредување, а градоначалникот најави и други градежни активности овде.
„За оваа населба она коешто го планираме е реконструкција на сите улици, улицата „Коле Неделковски“, улицата „Христијан Карпош“, „АСНОМ“, „Рудо“. Најпрво планираме промена на подземната инсталација и инфраструктура, водовод и канализација, а потоа и нанесување асфалт. Овие улици ќе бидат ставени во Програмата за уредување на градежно земјиште и, конечно, населба Леваци, којашто е заборавена и во којашто од самото постоење многу ретко се случувало да се направи нешто, ќе го добие заслужениот изглед“, додава Јорданов.
Финансиските средства одвоени за реконструкција на ова спортско игралиште се нешто повеќе од 1 милион денари, пари обезбедени од општинскиот Буџет, а реализацијата е во соработка со економски оператори и јавните претпријатија „Исар“ и „Стипион“.
Ребека Спасова М-Нет