
Oна што се прави, мора и да се чува, апелираше градоначалникот Јорданов по прилозите на М-Нет Телевизија за вандалскиот чин од кој резултатот е уништена урбана опрема. Имајќи ги предвид овие појави во изминатиов период, по кои од уништување не беше заштитена дури ниту урбаната опрема во најновите игралишта, Јорданов апелираше да се влијае на јавната свест и да се одржува новонаправеното.
„Сакам да апелирам до сите коишто го користат ова игралиште, да го чуваат истото, затоа што во изминатите неколку месеци и денови сме сведоци на едни девијантни појави на уништување на реквизитите. Тоа е нешто коешто не смее да се дозволи и затоа мора да влијаеме на јавната свест дека сето она коешто се прави, мора да се чува и мора да се одржува“, додаде Јорданов.
Инаку, неодамна М-Нет Телевизија алармираше за овој проблем во населбите Осми ноември и Пребег. Таму јавниот тоалет повеќе не може да се користи, уништени се клупи, а уништувања има и на детските реквизити. Граѓаните посочуваа дека сѐ е до културата на народот, а потенцираа дека оштетуваат и кршат и младите и повозрасните. Решението го гледаа во едукација, но и поголема свест кај луѓето или, пак, поставување камери за да може да се види кој уништува и соодветно да се санкционира.
Ребека Спасова М-Нет