
Дел од улицата „Борко Талев“ во штипската населба Кадидаре доби нов асфалт. Претходно овде се работеше на промена на водоводната мрежа, а денеска започнаа активностите за асфалтирање на оваа улица. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, во писмено соопштение наведе дека со ова се решаваат долгогодишните проблеми на жителите од оваа населба.
„Во далечните од 1971 до 1975 година улиците „Цветан Димов“, „Борко Талев“ и „Личка“ добиле водовод, канализација и поставување коцка. По 50 години, конечно, се изврши комплетна реконструкција на овие улици со промена на подземната инфраструктура и нанесување асфалт. Средствата во износ од 7 милиони денари се обезбедени од Буџетот на Општина Штип, од парите на граѓаните.“ – наведува Јорданов во писменото соопштение.
Жителите на овој дел од улицата „Борко Талев“ се согласуваат дека овој проект за нив значи решавање на долгогодишниот проблем и се оптимисти дека ова ќе значи подобра инфраструктура во овој дел од градот.
Улицата „Цветан Димов“ се асфалтираше пред еден месец, а неодамна и улицата „Личка“. За промена на застарените водоводни и канализациони мрежи на овие улици Општината одвои повеќе од три милиони денари. Јорданов потенцираше дека на секое асфалтирање на улица ќе му претходи промена на подземната инсталација.
Ребека Спасова М-Нет