
Седум општини од Источниот Регион годинава платиле вкупно 117 илјади евра за да се справат со комарците, покажува Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Според истото, општините во државава годинава платиле 770 илјади евра за борбата со комарците. Тендери за истото имале 39 општини и еден плански регион со девет општини, што значи дека вкупно 48 општини годинава презеле мерки за уништување на комарците.
„35 општини со бореле со комарците од земја, односно имале тендери за т.н. терестичко прскање. Други шест општини, пак, се справувале со комарците од воздух, односно имале тендери за т.н. авионско третирање. Седум општини имале и земјено и воздушно прскање. Вообичаено, најголем договор за уништување на комарците има Град Скопје, кој лани, за двегодишен третман против комарците од воздух и од земја платил половина милион евра. Од другите општини, повеќе пари за уништување на комарците платиле оние кои најмиле услуга за авионско прскање и тоа Велес, Кавадарци, Кочани, Куманово и Штип.“ – стои во Извештајот на Центарот.
Кочани и Штип, кои се меѓу шесте општини од државата кои потрошиле најмногу пари, заедно потрошиле околу 68 илјади евра. Од нив, 36 илјади потрошила Општина Штип, а за четири повеќе, 36 илјади евра, потрошила Општина Кочани. Во Истокот, три четвртини од вкупниот број потрошени пари отпаѓаат на Општините Штип, Кочани и Пробиштип, вкупно 87 илјади евра. Како трета Општина во овој регион, Пробиштип потрошила 19 илјади. Останатите 30 илјади евра ги потрошиле, Македонска Каменица, Карбинци, Виница и Делчево.
Цените што ги плаќаат општините за оваа услуга се многу различни и зависат од тоа дали прскањето е авионско или до земја, од опфатената површина, но и од бројот на третмани, бидејќи многу општини предвидуваат по неколку третирања во текот на годината. Како што велат од Центарот, ова ја отежнува и споредбата на цените, но најевтино за хектар прскање од земја плаќа Град Скопје, само по 11 денари за хектар. Авионските прскања, пак, се поскапи, но и овде најевтино ги платил Град Скопје, 216 денари за хектар, а најскапо ги платила Општина Карбинци, 2.230 денари за хектар.
Кога станува збор за средството со кое се прска против комарци и ларви од комарци, општините не се многу прецизни во описот. Само две општини нагласуваат дека средството мора да биде еколошко, а други две општини наведуваат и какво средство или негов еквивалент би сакале. Како и да е, сите општини наведуваат дека средството мора да има решение за промет и да биде одобрено од Министерството за здравство, стои во Извејштајот на Центарот за граѓански комуникации.
Ребека Спасова М-Нет