
Влезовите на неколку станбени згради во штипската населба Сењак ќе бидат партерно уредени. Овој дел од градот ќе добие и нова урбана опрема за тамошните жители. Почетокот на градежните работи го означи градоначалникот, Иван Јорданов, кој посочи дека активноста е предвидена со Програмата за уредување на градежно земјиште, а е на барање на жителите.
„Се наоѓаме во населба Сењак, веднаш пред главната крстосница, пред влезовите на неколку станбени единици. Започнуваме со планирање за поставување павер елементи согласно со барањата на овдешните станари. Во наредниот период ќе се работи на партерно уредување, поставување клупи, канделабри, урбана опрема, летниковци. Она коешто е предвидено во нашата Програма е уредување на пристапните влезови на сите станбени единици“, истакна Јорданов.
Поволните временски услови за работа, ќе овозможат реализација и на други активности. Партерното уредување ќе продолжи во населбата Осми ноември, како и во централното градско подрачје во делот кај полициската зграда.
„По завршување на овој дел, којшто е на барање на овдешните жители, ќе се префрлиме во населба Осми ноември и во централното градско подрачје кај т.н. Кули, веднаш до СВР Штип, за да ја уредиме и оваа локација со поставување павер елементи. Очекувам периодот којшто претстои поголем дел од планираните активности, заради поволните временски прилики, да бидат реализирани“, додава Јорданов.
Задоволни од партерното уредување се и тамошните жители. Посочија дека досега неуредениот простор ќе добие нов лик.
Финансиите потребни за реализација на оваа активност ќе се знаат дополнително, вели Јорданов. Колку средства се издвоени ќе може да се каже на крајот од градежните работи.
Ребека Спасова М-Нет