Каматата за брз кредит да не биде поголема од долгот – нови законски измени треба да ги намалат трошоците

Вкупните трошоци за брзи кредити не може да бидат поголеми од 60% од кредитот. Ова се измените на Законот за облигациски односи и Законот за извршување кои вчера ги усвои македонското Собрание. Истите треба драстично да ги намалат трошоците на граѓаните, односно се очекува да се намали можноста од алтернативни заработувања со камати како и стимулирање на доверителите за поефикасна и побрза реакција. Да се ограничи каматата на долговите кон извршителите иницираше и народниот правобранител, Насер Зибери. За ова неодамна зборуваше и заменик народниот правобранител, Јован Андоновски.

„Веќе имаме повратна информација дека се работи на допрецизирање на Законот за финансиски друштва каде што ќе се воведат и построги критериуми во однос на тоа како лицата може да добијат т.н. брзи пари, односно брзи кредити и дека ќе се зголеми надзорот и контролата врз работењето на финансиските друштва. Искрено, се надевам дека ќе се поведе ред. Нашата интенција не е да го пригушиме работењето на финансиските друштва, меѓутоа да се поведе ред заради правна сигурност на работењето на овие субјекти“, истакна Андоновски.

Инаку, до надлежните институции стигнуваа зголемен број претставки во врска со финансиските друштва. Граѓаните незапознаени со деталите од договорот или енормно високите камати за брз кредит од 10.000 денари враќаа и по 70.000 денари. Со новите законски измени, каматната стапка нема да смее да го надмине долгот, односно таа престанува да тече кога ќе го достигне износот на главниот долг.

Ребека Спасова М-Нет