Ставен камен-темелникот на новиот мост на река Отиња, ќе се заврши за два месеца

Започна да се гради новиот мост на река Отиња кај штипската Гимназија, што ќе овозможи двонасочен сообраќај во овој дел од градот. Почетокот на градежните активности го означи градоначалникот, Иван Јорданов, кој посочи дека рокот за завршување е 60 дена, односно два месеца.

„Денес официјално започнаа градежните активности на новиот мост на река Отиња. Се изврши и започнува полнењето на првите темели на овој мост што ќе биде во функција на сите сограѓани, пред сѐ на жителите од десната страна на река Отиња, на населбите Кадидаре, Деснаци, Св. Илија, коишто досега како можност го користеа мостот кај Црквата „Св. Никола“ и имаше еден сообраќаен метеж којшто се создаваше заради еднонасочното функционирање на постоечкиот мост“, истакна Јорданов.

За Јорданов ова е еден од начините за решавање на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје, другиот е продолжување на реализацијата на проектот за конзоли на река Отиња. Ова ќе овозможи целосно проширување на двете главни улици во Центарот, а ќе се заврши до крајот на оваа година.

„Продолжуваме во наредниот период, во наредните месеци, со реализација на конзолите на река Отиња, од Хотел „Оаза“ до Плоштадот „Слобода“. До крајот на годината очекувам да се започне и проширувањето на „Васил Главинов“, од ООУ „Ванчо Прке“ до Основниот суд во Штип и со тоа да се добие една целина, проширување на двете главни сообраќајници и нов мост, а со тоа директно ќе се влијае на решавањето на сообраќајниот метеж“, додава Јорданов.

Димензиите на новиот мост на река Отиња се 26 метри во должина и седум во ширина, а инвестицијата е вредна 5,2 милиони денари, пари обезбедени од општинската каса.

Ребека Спасова М-Нет