
Параолимписката игра „Бочија“ денеска беше презентирана во Штип. Играта има едноставни правила и е наменета за лица со сите видови попречености, но најмногу популарност има кај лицата со инвалидски колички. Секој може да ја игра, а нејзиното ниво зависи од степенот на попреченост кај лицата. „Бочија“ не е само игра и спорт, туку алатка за отвоорање на вратите на лицата со попречености да ги покажат своите способности.
„Имаме за цел да се прикаже параолимписката игра „Бочија“ наменета за деца со попреченост. Целта е да ја развиеме оваа игра, да ги покажеме условите, начинот на кој се игра и да обезбедиме услови за тренажен процес“, вели Дејан Здравков, претседател на Македонска асоцијација за Бочија.
Презентацијата и практикувањето на оваа игра во Штип е овозможено од Мисијата на ОБСЕ. Шефот, Килијан Вал, вели дека за него е особено задоволство што е во Штип во вторпат, а во следните чекори стремежот ќе биде лица од Македонија да бидат учесници на Параолимпискиот комитет.
„Во врска со следните чекори, значи, планот е Асоцијацијата за бочија да организира шест клуба, коишто ќе формираат една федерација на државно ниво и преку самата федерација ќе аплицираат да бидат учесници на Параолимпискиот комитет. Сакам да ја пофалам нивната работа и дефинитивно ќе продолжиме да ги поддржуваме во нивните напори“, истакна Килијан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ.
Параолимписката игра „Бочија“, која обединува 50 земји во светот, во земјава беше презентирана уште пред нешто повеќе од пет години, и тоа во Делчево. Ја презентираа претставници од Полска во присуство на претставници од Бугарија, Грција и Македонија. Со овие настани се отвора вратата „Бочија“ во Македонија да стане реалност.
Ребека Спасова М-Нет