Штипјанката Ива Дојчинова дел од Кошаркарска репрезентација на Европско првенство во Бугарија

Штипјанката Ива Дојчинова од ЖКК Тим Арена е член на Женската јуниорска репрезентација, односно Националниот тим до 18 години. Селекторот Јелена Антиќ ќе смета на нејзините квалитети на претстојното Европско првенство, дивизија Б, кое во периодот од 30.6. до 9.7. ќе се одигра во Софија, Бугарија.

Почетокот на подготвителниот период беше назначен на 29 мај. Женската јуниорска репрезентација, предводена од селекторот Јелена Антиќ нешто повеќе од 30 дена тренираат во главниот град, Скопје, а одиграа и неколку пријателски натпревари, потоа ќе заминат за бугарската престолнина каде ќе земат учество на Европското првенство, дивизија Б, за кошаркарки до 18 години односно родени 2005 година и помлади.

На 20. и 21 јуни нашата женска јуниорска селекција во два дена одигра два натпревари со квалитетната репрезентација на Грција, која се покажа подобра на двете проверки. На првиот меч домаќинките славеа со убедливи 69:29, а подобри беа и на втората проверка со 83:33.

Женската јуниорска репрезентација забележа пораз и на последната проверка. По доаѓањето во главиот град на Бугарија, се одигра и контролен натпревар против соодветната репрезентација на домаќинот на евро-шампионатот, кога избраничките на селекторот Јелена Антиќ имаа лошо прво и одлично второ полувреме, но на крајот останаа поразени во овој пријателски меч.

Македонската репрезентација од која дел е и штипјанката Дојчинова го стартува Европското првенство во петок, од 12 часот, за кога е закажан мечот од првото коло од групата „А“ во кој за противник ја имаме репрезентацијата на Холандија. Во групата „А“ Македонија е заедно со селекциите на Хрватска, Данска, Исланд и Холандија.

Ребека Спасова М-Нет