
Пуштен во функција, ама 70% од истиот и денеска стои празен, сточниот пазар во село Облешево тешко да се врати во ситуација ако пред неколку години. Стока нема, велат малкумината сточари кои утринава беа на пазарот. Ниту се одгледува, ниту се продава ниту пак некој бара да купи. Во пресрет на утршениот празник Курбан Бајрам велат побарувачката на овци и јагниња сведена на минимум, а и цената е доста ниска. Ова е главната причина поради која сточниот фонд во Источниот регион полека умира.
„Моментално нема стока оти немаме заштита ништо. Пазарот беше затворен ама сега се отвори, ама нема стока. Сточниот фонд во Источна Македонија замира. Ние сме од село Бурилчево, има само еден сточар во едно село. Претходно беше многу подобро, имаше и се чуваше, сега нема ништо. И за празникот многу слабо се бара. Цената – џабе, ние бараме 200 евра, ама не даваат ниту 100 евра.“ – велат продавачите.
И додека од една страна цената на овците е под просекот, од друга страна цената на трошоците од ден на ден постојано расте. Тоа ги доведува до колапс сточарите, оти како што велат цена нема ниту млекото, ниту волната, а тешко да се најде и овчар.
„Трошоците се големи, никој не не прашува за трошоците, а ние сме должни да ги чуваме. За да се врати сточарството треба да имаме заштита од државата, без заштита не можеме ние да опстанеме и одиме надолу и надолу. Јас сум сточар со 400 грла овци, ама со зор. Млекото е со ниска цена, јагнето секоја година по едно евро ни одземаат, волната не се откупува, овчарите се сакпи и ние сме дојдени до колапс.“ – додаваат продавачите.
На сточниот пазар во село Облешево некогаш можеше да се најдат разни животни, но откако истиот беше затворен минатата година денесека ситуацијата е повеќе од алармантна. Свињи сѐ уште нема бидејќи сите беа уништени заради појавата на африканска чума.
Лаура Стојанова М-Нет