
И други имиња ќе се најдат на црната листа на САД, посочи амбасадорката Агелер од Штип. Сепак, таа не откри за кои лица се работи, туку рече дека се во процес на разгледување за кој не би можела да каже до кога би траел, бидејќи истиот се спроведува со големо внимание. Додава дека народот има право на избрани претставници кои се стабилни и на кои може да им се верува. Инаку, првиот кој е прогласен за „персона нон грата“ откако во декември САД ги „чешлаше“ македонските поранешни и актуелни функционери, е струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
„Би сакала само да додадам дека овој процес на назначување трае подолго, процес којшто внимателно се спроведува, така што се врши ревизија на сите докази, на сѐ што е утврдено и има една листа на имиња којшто ќе бидат подложени на ревизија и процес на разгледување, така што откако ќе се утврдат сите факти, тогаш се донесува одлуката“, истакна амбасадорката Агелер.
Агелер рече дека тие не би можеле да кажат што понатаму Владата и судството треба да преземат. Но, според премиерот Ковачевски, ваквите одлуки на САД се доказ дека на македонскиот истражен и правосуден систем му треба генерален ремонт за да живееме во европска држава. Тој вели дека органите треба се прашаат зошто досега не ги откриле коруптивните однесувања на Мерко.
„Прво, САД се наш стратешки партнер од нашата независност и тие помагале, помагаат и ќе помагаат во најразлични сфери на нашето општество, а особено во делот на владеење на правото, борбата против корупцијата и јакнењето на институциите. Второ, наводите коишто се наведени како основ за ставање на црна листа на градоначалникот на Струга и неговото семејство се сериозни, се работи за неколку основи и од тоа пораката е дека нашите институции, зборувам за истражните и правосудните органи, треба да ги испитаат наводите коишто се наведени во самото соопштение на Стејт департментот. Исто така треба и да се запрашаат како САД дошле до такви информации на коишто ја базирале својата одлука, а се наоѓаат на неколку илјади километри од тука, а нашите органи не дошле до такви податоци во текот на сите изминати години“, посочи Ковачевски.
Агелер заклучи дека имаат одлични односи со земјава, Владата и министерствата, поради што ќе продолжат со партнерството и покрај ваквите одлуки за одредени функционери.
Ребека Спасова М-Нет