Граѓани реагираат за депонија кај Старото нервно во Штип, од Општината велат дека е приватна парцела

Спроти старото нервно кај кружниот тек – депонија во сред град. Вакви реакции се појавија на социјалните мрежи од страна на граѓани кои поминувале во тој дел од градот и притоа забележале депонија, претежно со градежен шут. Пријавувајќи го проблемот прашуваат што се случува овде и кој дозволува креирање на ваква грда слика во Штип. И екипата на М-Нет Телевизија на терен ја воочи истата слика. Текстилни материјали, гајби, пластика, картонски кутии и градежен шут беше она што можеше да се види во непосредна близина на самиот пат.

За причината за ваквата слика прашавме во ЈП „Исар“, како и дали тие ќе реагираат за решавање на овој проблем. Директорот, Кирил Зајков, посочи дека ваквите загадувања на градот се под надлежност на Општина Штип и комуналните инспектори, кои утврдуваат прекршување на Законот и загадување на животната средина. Комуналниот инспектор при Општината, Борче Везенков, вели дека е запознаен со ситуацијата и дека Комуналната инспекција веќе била на терен, но станува збор за приватна парцела која е продадена на лицитација. Разговарано е со сопственикот, вели Везенков и додава дека местото ќе се исчисти во текот на следните денови.

Ребека Спасова М-Нет