
Со полна сала публика во штипскиот Дом на култура и над 1000 учесници од земјава започна третиот Интернационален танцов натпревар. Различни кореографии можеа да се видат на големата сцена во текот на целодневната програма која ја подготвија организаторите, а кои се задоволни од реализацијата и текот на натпреварот.
„Оваа година имаме над 1000 учесници, веќе започна натпреварот, ќе трае сѐ до вечерните часови, до 21 часот. Сите танчери се спремни и сѐ оди во најдобар ред. Имаме 16 клубови, имаме танчери од Скопје, од Пробиштип, Велес, Куманово, Кавадарци, Прилеп, Штип, Кочани итн. Битно е за танчерите да го почувствуваат овој натпреварувачки дух и да се покажат во најдобро светло со сето она што го имаат научено во текот на целата година“, вели организаторката Ана Марија Габроска.
Зад сцената учесниците не го криеја задоволството што се дел од еден вака организиран настан. Оние кои се првпат во Штип, пак, имаа само пофални зборови за натпреварот и градот.
Натпреварувачите се поделени според возрасна категорија, најмалите се 4 години, а најголемите над 18 години. Сите танчери добиваат медали, пехари и дипломи, а најдобрите групи влегуваат во Гала вечерта и се борат за парична награда.
Ребека Спасова М-Нет