
Со мултимедијален настан во холот на училиштето, СОУ „Коле Нехтенин“ денеска го одбележа својот патрон празник. Во реализацијата учествуваа сите ученици со цел, како што вели директорката, Јованка Шалева, да се покаже дека сите сме исти и дека во училиштето има место за сите вери, националности и нема место за поделби. Таа додава дека училиштето е место на задоволни и мотивирани ученици.
„Нашите ученици подготвија богата програма којашто опфаќаше интонација на македонската химна, рецитал, поезија, литературен конкурс, прогласување победници, ликовен конкурс, текст за демократија, текст на англиски“, вели директорката, Јованка Шалева.
Директорката е на став дека училиштето значително се развива помеѓу минатогодишниот и овој патронат. Во овој период воведени се дуални паралелки, кои значат поврзување на теоретско и практично знаење, како и мотивација од МОН со стипендија. Со уписот на нови средношколци очекуваат голем интерес за овие паралелки.
„СОУ „Коле Нехтенин“ постојано се развива и, еве, денеска е прилика да се навратиме назад, да видиме што бил некогаш, што е денес и што треба да биде во иднина. Разликата во однос на промените е тоа што оваа година ние за првпат отворивме дуални паралелки. Минатата година немавме. Тоа е реформа којашто веќе е поддржана во другите општини, но кај нас за првпат оваа година. Тоа е една реформа којашто нуди квалитетно стручно образование и се надеваме дека понатаму ќе го развиеме. Моментално го имаме во два профила спроведено, а понатаму ќе одиме и во другите профили“, додава Шалева.
Инаку, во рамки на патрониот празник, во училиштето во петокот се положи и свежо цвеќе пред бистата на Коле Нехтенин, при што беше изведен и пригоден рецитал.
Ребека Спасова М-Нет