Се асфалтира улицата „Вељко Влаховиќ“ во штипската населба Пребег

Дел од улицата „Вељко Влаховиќ“ во штипската населба Пребег доби асфалтен слој. На увид на градежната работа беше и градоначалникот, Иван Јорданов, кој посочи дека во оваа населба се работи и на тротоарски површини, а активностите ќе се интензивираат сѐ додека дозволуваат временските услови.

„Како што напоменав изминатите денови, станува збор за една сервисна улица во склоп на станбените згради во населба Пребег, којашто имаше потреба за асфалтирање, за реконструкција. Во оваа населба исто така работиме на третирање на тротоарските површини на влезот од населбата, така што по завршувањето на асфалтирањето на оваа улица во населба Пребег доколку дозволат временските прилики, ќе продолжиме со иста динамика и во следните населби“, истакна Јорданов.

Улицата „Вељко Влаховиќ“ која денеска се асфалтираше е инвестиција вредна 750.000 денари, пари обезбедени од општинскиот Буџет.

Ребека Спасова М-Нет