Штип наскоро ќе добие „вендинг“ машини, со селектирање отпад до придобивки и поволности

Со селектирање пластична амбалажа или лименки, граѓаните собираат зелени поени, а потоа истите може да бидат заменети со вредни придобивки и поволности. Вака функционираат т.н. вендинг машини кои општина Штип наскоро ќе ги добие. Ова е следна фаза од проектот за селекција на отпад на Општина Штип кој се спроведува за едукација на најмладите со цел подигање на свеста во однос на селектирањето. Комуналниот инспектор, Борче Везенков, посочува дека ваквата активност има повеќе придобивки за Општината и граѓаните.

„Исто така и самите деца да почнат да штедат со тоа што ќе селектираат, бидејќи при самите презентации ги информираме дека наскоро ќе бидат поставени „вендинг машини“ од Пакомак на локации во центарот на градот, односно во поголемите маркети, каде што ќе можат самите да селектираат пластика, пластични шишиња и алуминиумски лименки, а од сето тоа би можеле да добијат финансиски средства, а со тоа свеста да биде на едно повисоко ниво“, истакна Борче Везенков, комунален инспектор при Општина Штип.

Инаку, проектот започна пред петнаесетина дена и во периодов сѐ уште трае посетата на основните училишта, која ќе заврши до крајот на месец мај. По првичната едукација и селекцијата на стаклото, пластиката, хартија и лименки, Општината размислува како да се справи и со биоразградливиот отпад, за што планира да постави т.н. компостерки.

„Се надевам дека во втора фаза во наредната година или во наредните години ќе имаме и други проекти, на коишто работиме во моментов, за одделување и на биоразградливиот отпад и тоа да почнеме со поставување на т.н. компостерки, прво во детските градинки, бидејќи знаете дека во детските градинки се готви храна, има остатоци од храна, а потоа доколку успее тој проект, ќе бидат поставени и во основните училишта, а да почнеме исто така и во градот, што значи граѓаните да почнат да го селектираат и тој тип на отпад, бидејќи еден од најголемите проблеми во комуналниот отпад е биоразградливиот отпад. Значи, да почнеме дел по дел и да дојдеме до ниво кое го имаат развиените европски држави“, додава Везенков.

Инаку, Пробиштип е првата општина во земјава која започна со компостирање на отпадот. Уште во 2020 година со европски пари во функција беа ставени две компостерки, а осумдесет семејства добија канти со чипови. Компостот од компостерките оди за одржување на зелените површини.

Ребека Спасова М-Нет