Ковачевски и Бектеши означија крај на грејната сезона, велат – енергетскиот план успеал

Непреченост во снабдувањето со топлинска и електрична енергија во текот на целата сезона, без прекини и без недостатоци – со овие зборови премиерот Димитар Ковачевски го означи крајот на грејната сезона во државата. Вели дека е горд од постигнатите резултати и дека ветеното било реализирано, а граѓаните и оваа зима останале на топло. Посочи дека во услови на светска криза, кога дел до земјите го пролонгираа стартот на грејната сезона, кај нас имало сигурно и стабилно снабдување со струја и парно.

„Грејната сезона започна на 15 октомври 2022 година, вие се сеќавате дека на самиот нејзин старт имавме Совет за безбедност во државата, на кој го презентиравме планот којшто не водеше во текот на целата ова грејна сезона. Тогаш јас се сеќавам што кажав, дека имаме многу јасно пред нас и активности и кадровски ресурси и контакти со соседните држави, со цел да обезбедиме непреченост во снабдување со електрична енергија. Тогаш кажав дека постојат и ризици кои доколку се остварат, тогаш како многу други држави ќе имаме проблеми. Но токму поради стручноста, напорот кој го дадоа сите вработени во ЕСМ Македонија ние имавме непречено снабдување со топлинска и електрична енергија во текот на целата зимска сезона“, кажа Ковачевски.

Ковачевски посочи дека наместо законски предвидените 60% производство на електрична енергија, обезбедени се 100% струја. Со тоа што го презеле греењето со топлинска енергија во Скопје, и таму обезбедиле непречено снабдување, вели Ковачевски и ги посочува овие чекори како првио од Планот за справување со енергетската криза, чиј фокус било сигурна, стабилна и континуирана испорака.

„Можеме слободно да кажеме со гордост, со кренати глави дека успеавме. Успеавме заедно сите со кренати глави, сѐ со цел да им излеземе во пресрет на граѓаните и на стопанството. Нема да должам многу, сакам само да кажам дека нема да застанеме. Пред нас следат уште поголеми предизвици, а тоа е енергетска транзиција, поголема независност во делот на енергетиката“, вели Бектеши.

По повод крај на грејната сезона, на настанот во најголемиот електроенергетски комбинат беа врачени благодарници и признанија на вработените на РЕК Битола и сите подружници, кои работат во рамките на ЕСМ.

Ребека Спасова М-Нет