Имери: Подготвени сме за големото дерби со Вардар, верувам дека можеме да стигнеме до победа!

Воска Спорт утре против Вардар го игра големото клучно дерби за директен пласман во Првата македонска фудбалска лига. Натпреварот по одлука на Воска Спорт ќе се одигра без присуство на публика, па така трибините на „Билјанини Извори“ во Охрид ќе останат празни.

Тренерот Берат Имери вели дека неговиот тим е подготовен за утрешното големо дерби против Вардар и верува дека можат до победа.

„Нè очекува многу тежок натпревар, дерби натпревар меѓу двете екипи кои се претенденти за првото место. Како тим се подготвивме максимално за овој натпревар и мислам дека со максимален ангажман на сите играчи на крајот ќе успееме да ги добиеме трите бодови. Мораме да бидеме смирени, внимателни, да играме добро во двете насоки, и во нападот и во одбраната, и најважно од се очекувам сите играчи да дадат максимум. Ако се исполнат овие компоненти, веруваме дека ние ќе бидеме победници”, вели Имери.

Натпреварот се игра со почеток од 16 часот, главен судија ќе биде штипјанецот Стојанче Стојанов, а гледачите на телевизија М Нет ќе имаат можност да го следат во ЖИВО преку директен пренос.