
Штипската касарна „Јане Сандански“ со пригодна манифестација го одбележа патрониот празник и 108-годишнината од смртта на македонскиот револуционер Јане Сандански. На бистата свежо цвеќе положија претставници од Армијата, Општина Штип, Советот на Општина Штип, Сојузот на борци, како и од Организацијата на резервни офицери.
„Организацијата на резервни офицери достојно секоја година во касарната во Штип, која го носи името на нашиот великан – Јане Сандански, и, секако, ние како организација и припадници на Армијата сме должни достојно да го обележиме овој патронен празник, да дадеме почит на нашите дејци кои го дадоа својот живот за оваа македонска држава и кои се креатори на современата македонска држава“, вели Георгиев.
Во говорот на потполковникот Зоран Сумрачки беше посочена значајноста на Сандански. На надгробната мермерна плоча напишана е неговата мисла „Да живееш значи да се бориш, робот за слобода, а слободниот за совршенство“, што е доволен факт дека тој ќе остане запаметен во народната меморија како борец и војвода во служба на народот.
„Слободно можеме да кажеме дека Јане Сандански е од оние кои ја создадоа македонската историја. Животот и револуционерното дело на Сандански длабоко се вткаени во вековната борба на македонскиот народ за слобода и создавање самостојна, суверена и независна држава. Непопусто денес државата му оддава почит исполнет со опевање во својата химна. Сандански најпрецизно може да се опише како претставник на македонската интелигенција и авангарда на своето време, чија јасна определба била изведување на морална и политичка револуција“, истакна во својот говор потполковник Зоран Сумрачки, командант на 2. пешадиски баталјон.
На настанот македонската химна и уште неколку музички точки ги интонираше штипскиот Градски хор.
Ребека Спасова М-Нет