Се вапсуваат црвените јајца – бојата симбол на победата на Господ Исус Христос над смртта

Во сечиј дом вчера рано наутро се бојадисаа три црвени велигденски јајца, а луѓето и денес го вапсуваат остатокот од јајцата за празникот Велигден. Симболиката е во бројот три, како христијански број, при што едното јајце се нарекува Божјо, другото е за куќата, а третото за семејството кое го одбележува празникот, вели Бети Иванова, виш кустос, етнолог во НУ Завод и Музеј – Штип.

„Црвената боја ја претставува пролеаната крв на Исус Христос и како што јајцето е нешто што означува нов живот, ново раѓање, така и црвената боја го означува пролевањето на крвта. Црвената боја уште означува и надеж, љубов и верба во она што го означува самиот живот на сите луѓе“, вели Иванова.

Обредната практика зборува за уште едно верување меѓу народот од дамнешно време, особено меѓу луѓето во селата, кои верувале дека јајцето ќе им ги заштити посевите од невреме. Она што и денес го практикуваат некои од луѓето е допирањето на лицата на децата со јајце со цел да бидат здрави преку целата година.

„Црвеното јајце уште кај народот има и посебна магиска моќ. Се верува дека кога има град, порано во селата јајцето се закопувало на нивите за да ги заштити посевите од невреме. Исто така, луѓето со црвеното јајце ги допираат децата по лицето со изрека да биде здраво, бело, црвено како јајцето. Тоа е исто така една магиска моќ во која луѓето веруваат дека ќе им донесе среќа и здравје на децата преку целата година“, посочува Иванова.

Во поново време во велигденските декорации покрај велигденските јајца се поставува и велигденско зајаче. Истото има само симбол на будење на пролетта, а плодноста на зајачето се поврзува со новиот живот. Сепак, ова не е нова традиција.

„Зајачето доаѓа многу одамна, со доселувањето на германските протестанти во Америка, го носат како своја симболика на овие простори. Единствена цел им била точно за велигденските празници да ги анимираат и да ги вклучат децата во бојадисувањето на јајцата и зајачето како еден симбол на пролетта да ги бара јајцата и на тој начин ги вклучувале децата во целата таа обредна практика“, додава Иванова.

Инаку, црвената боја има симболика на победа, што го носи значењето на овој голем христијански празник, а тоа е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта.

Ребека Спасова М-Нет