
Нерамномерност во регионалниот развој за осумте плански региони утврди Ревизорскиот извештај. Најголем дел од средствата завршуваат во Скопскиот плански регион, а најмалку во Источниот, што не е сразмерно со степенот на развој на планските региони. Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, посочи дека е добро што ја има оваа забелешка со цел да се отстрани ваквата дилема.
„Ова утврдување на Ревизорот е токму за другите ресорни министерства, а ние инсистираме како Биро, кое сега ќе се трансформира во Агенција за да процентот на развиеност, односно средствата коишто треба да се доделат на ниво на државата е да се почитува степенот на развиеноста. Значи ние како Биро и Министерството за локална самоуправа секогаш бараме ресорните министерства тој процент на развиеност да го почитуваат“, вели Реџепи.
Реџепи посочи дека со трансформацијата на Бирото за регионален развој во Агенција ваквите проблеми ќе бидат надминати. Во однос на податоците од последниот попис дека бројот на жители во два региона се надвор од границата да опстојат, дали ќе има помалку проекти и помалку пари за истите Реџепи вели дека не може да каже оти тоа е политичко прашање.
„Според последниот попис имаме помал број на жителите во два региони, односно според разделбата на планските региони, тоа е веќе политичко прашање“, вели Реџепи.
По ова прашање, вели Реџепи, сите политички чинители во земјава треба да ја разгледат оваа информација и да донесат одлука дали ќе има нова распределба на планските региони.
Ребека Спасова М-Нет