Ампева: Нема да дозволиме назад да се врати прекувремено работење на штета на работниците!

Наместо Закон за заштита на бремени жени или пак ефикасна работа против сива економија се носат Закони кои се нова штета за работниците, обвини денеска на прес конференција претседателката на Гласен текстилец, Кристина Ампева. Ова следува бидејќи денеска на седница на Влада на гласање се девет Закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10. Од Гласен текстилец велат дека Владата се обидува да го врати назад прекувременото работење, за што порача дека нема да се дозволи.

„Да упатиме порака до властите, пратеници, министри дека нема да дозволиме нова штета на грбот на работинците. Има други работи кои треба да се сменат во Законите, пример заштита на бремените жени кои се со договори на определено работно време, ефикасна борба против сива економија и неплатен труд. Очигледно нашите власти се ажурни само кога треба да се намалат некои права“ – вели Ампева.

Како што вели Ампева мандатот на пратенците е да се носат одлуки кои ќе бидат за доброто на граѓаните, а не повторно да биде штета за работниците. Порачува ова да не се гласа на седница на Влада.

„Веќе успешна иницијатива имавме за слична ваква работа, за прекувремена работа. Мандатот кој го добиле не го добиле за уназадување на правата на работниците. Апел до пратенците да не го гласаат ова„ – додава Ампева.

Гласен текстилец стравува дека секоја индустриска гранка ќе може да ги злоупотреби измените од законот со тоа што ќе се правда дека нивното работење е од стратешко значење.

Лаура Стојанова М-Нет