Варадиновски: Покажавме карактер и успеавме да дојдеме до победа над Борец

Детонит Плачковица потешко од очекуваното стигна до триумф над „фенерџијата“ Борец во Велес, каде радовишани со пресврт (1:2) се радуваа на нов триумф, во рамки на 23. коло од Втората македонска фудбалска лига, како што веќе вчера објави телевизија М Нет.

Борец во пролетниот дел се бори со последни сили да стигне барем до бараж за опстанок, но по вчерашниот пораз, повеќе од сигурно е дека Борец веќе во следните две кола ќе стане официјален третолигаш. Фаворитите потешко од очекуваното доаѓаат до планираните бодови против екипите кои се борат за опстанок, вчера Детонит Плачковица се намачи, но стигна до три бода, а пак Пелистер се „лизна“ во Виница каде против Слога одигра 1:1, што е потврда дека екипите кои се борат за опстанок играат храбро и со една цел – победа.

Тренерот на Детонит Плачковица, Иван Варадиновски, за телевизија М Нет вели дека покажале карактер и успеале да стигнат до триумф над Борец во Велес.

„Претпоставките се остварија дека дефинитивно ова нема да биде едноставен и лесен натпревар, на крај сепак покажавме карактер и успеавме да дојдеме до победа“, рече Варадиновски за телевизија М Нет.

По две гостувања, радовишани во следното коло на домашен терен ќе играат против Караорман од Струга.