
Вкупно 15 парцели ќе продаде Општина Кочани на јавно наддавање. Четиринаесет од предвидените се со намена индивидуално домување и се на улиците „Фебруарски поход“, „Смилевски конгрес“, „Митко Тодоров“ и „Пиринска“, а една е со намена Г2 – лесна и незагадувачка индустрија на улицата „Украинска“. Површината на парцелите кои се нудат на јавно наддавање е од 177, па до 1493 м2, а почетната цена за секоја од нив е 61 денар за метар квадратен.
„Заинтересираните физички и правни лица поднесуваат пријава за учество на јавното наддавање по електронски пат, преку информацискиот систем поставен на интернет страницата www.gradezno-zemjiste.mk, со пополнување на електронски образец кој го потпишува со валиден дигитален сертификат издаден од овластен издавач за секоја градежна парцела поединечно, во која е наведено за која парцела се однесува самата пријава и кои документи се составен дел на пријавата, комплетирана со следните докази (приложени во електронска форма во оригинал или фотокопии заверени на нотар и потпишани со дигитален потпис и полномошно на носителот на дигиталниот потпис заверено на нотар).“ – стои во објавата од Општина Кочани.
Пријавите за учество на електронското јавно наддавање за парцелите со намена индивидуално домување треба да се достават најдоцна до 24 април, а за истите наддавањето ќе се спроведе на 26 април. Пријавите за парцелата со намена Г2, пак, треба да се достават најдоцна до 8 мај, а наддавањето ќе се спроведе на 10 мај. По пријавата Комисијата по електронски пат ќе ги извести подносителите за комплетираноста на истата, при што на подносителите на пријавите кои доставиле комплетна документација им доставува корисничко име и лозинка за учество на електронското јавно наддавање, а на оние кои не доставиле комплетна документација им доставува известување со образложение дека нема да учествуваат на јавното наддавање.
Ребека Спасова М-Нет