35 години од смртта на првата медицинска сестра во Македонија – штипјанката Славјанка Влахчева

Македонското девојче во бело, вака се велело за штипјанката Славјанка Влахчева, првата образована медицинска сестра во Македонија. Била родена во 1900 година во Штип, а на денешен ден починала во Скопје пред точно 35 години. Влахчева на 24 години, во Белград го завршила Училиштето за медицински сестри на Друштвото на Црвениот крст, се вратила во родниот град и оттогаш ја започнала својата медицинска заложба, активно вклучена во борбата против маларија. За ова добила низа признанија и заслуги, а за неа биле пишувани и статии во весници. Ова заедно со уште низа нејзини фотографии денеска се чува во НУ Завод и Музеј Штип.

„Би сакала да напоменам дека Историското одделение при НУ Завод и Музеј Штип ги чува предметите кои лично ѝ припаѓале на Славјанка Влахчева, кои во 2017 година нејзиното семејство ги донесе на чување во нашата институција. Имаме поголем број на оригинални фотографии од нејзината младост, школувањето, нејзините работни денови во маларичната болница во Штип, во Завод за туберколоза во Скопје. Покрај тоа, имаме и оригинални плакети, плакати, ордени, одликувања“, вели Емилија Коруновска, кустос, советник-историчар во НУ Завод и Музеј Штип.

Влахчева преминала на работа во Антитуберкулозниот диспанзер во Скопје, а се активирала и во Црвениот крст на Македонија. Имала важна улога во воведувањето на патронажната служба и спроведувањето на бесеже вакцинацијата против туберкулоза. Таа добила и задача од Министерството за народно здравје да основа Училиште за медицински сестри во Скопје и во 1945 година била именувана за негов прв директор. Нејзините лични предмети ќе добијат посебно место во Штипскиот музеј.

„Во моментот спремаме витрина во којашто, по повод 35 години од нејзината смрт, ќе бидат изложени сите овие работи и ќе бидат отворени за јавноста да може да ја посети нашата институција и во детали да се запознае со животот и делото на Славјанка Влахчева, којашто е првата медицинска сестра во Македонија“, додава Коруновска.

На предлог на Црвениот крст на Југославија, Славјанка Влахчева е една од петте Македонки кои добиле едно од најголемите признанија во светот за хуманост – медалот „Флоренс Нејтингел“. На Основачкото собрание на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија едногласно била донесена одлука Здружението да го носи името на Славјанка Влахчева.

Ребека Спасова М-Нет