Кромидот – 60, краставиците – 75 денари за килограм, замрзнати цените на овошјето и зеленчукот

Кромидот не повеќе од 60 денари, свежите домати најмногу до 70 денари, краставиците максимум до 75 денари за килограм. Владата ги замрзна цените на дел од овошјето и зеленчукот и истите ќе се применуваат од 5 април до крајот на месецот. Опфатени се 11 производи, чија цена не смее да бида повисока од предвидената замрзната цена, а тоа ќе се регулира преку зголемени контроли на терен.

„Се опфатени 11 производи, и тоа: свежи домати, свежи краставици, кромид, карфиол, свежи зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони. Од 5 април па до крајот на месецот свежите домати не може да се продаваат повеќе од 70 денари, краставиците не повеќе од 75 денари, кромидот повеќе од 60 денари“ – вели Бектеши.

Замрзнувањето на цените на овие производи следи по анализите кои се направени, и е констатирано дека има големи маржи кај овошјето и зеленчукот. Бектеши истакна дека увозната цена е многу пониска од продажната и дека не е дозволено да има толку големи маржи на производите.

„Ги повикувам сите трговци на овошје и зеленчук, целосно да ја почитуваат одлуката. Очекуваме кон почетокот на мај откако ќе почне да се пласираат нашите домашни производи ќе имаме зголемување на конкуренцијата и намалување на цената на производите“ – додава Бектеши.

Замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот важат за маркетите, но и за продавачите на пазарите. Бектеши потенцираше дека контроли ќе се вршат преку Државниот пазарен инспекторат на терен и ќе следуваат казни за сите кои нема да ги почитуваат мерките.

Лаура Стојанова М-Нет