
Прелиминарната листа за социјалните згради во декември 2022 година се објави во Свети Николе, а становите се распределија во Виница и Пробиштип. Пет градови од Истокот веќе имаат или сѐ уште се гради социјална зграда. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, од Гевгелија, каде денеска беше објавена прелиминарната листа посочи дека во следниот период ќе биде завршена и социјалната станбена зграда во Кочани.
„Сакам да потенцирам дека во изминативе 12 месеца во прелиминарната распределба веќе распределивме станбени згради во пет општини низ државата и продолжуваме во наредниот период со распределба во Неготино и во Велес, а веднаш потоа и во Бутел, кога ќе биде завршена социјалната станбена зграда, во Дебар и Кочани“, истакна Бочварски.
Со завршувањето на изградбата во Кочани кров над глава и топол дом ќе добијат 34 семејства од ранливи категории. Социјалната зграда во Кочани почна да се гради кон средината на 2021 година, а за нејзино завршување беа предвидени 18 месеци и издвоени 60 милиони денари.
Досега изградени или во фаза на градење се над 800 станбени единици во државата. Станови освен во Кочани, треба да се распределат и во Пехчево, а во Штип да започне изградбата на социјална зграда.
Ребека Спасова М-Нет