Се замрзнуваат цените на дел од хигиенските производи, неделава одлука и за овошјето и зеленчукот

Дел од средствата за хигиена ќе бидат со намалена цела од 13%. Ова на денешната прес-конференција го најави министерот за економија, Крешник Бектеши, а се очекува одлуката денеска да ја донесе Владата на нивен предлог. Со оваа мерка ќе бидат опфатени тоалетната хартија, влажните марамчиња, детските и пелените за возрасни и хигиенските влошки, а намалувањето ќе биде од цените кои ги имале во трговијата на мало на 20 март годинава.

„Цената на тоалетната хартија се движела од 94,8 до 343,3 денари, а во периодот од 1 до 24 март годинава од 94,8 до 205 денари. На оваа цена кога ќе се пресмета и ДДВ излегува дека се движела од 111,8 до 241,9 денари. Од овие производи повеќето од 85 отсто се увезени во нашата држава. Кај влажните марамчиња цената во просек се движела од 94,6 денари во јануари, 94,5 денари во февруари и 83,2 денари во март. Кај нив има и царинска стапка од 6 отсто и не е вклучено ДДВ-то во цената. Кај пелените за деца и возрасни цената се движела од 36 денари по парче до 1.600 денари по кутија. Во цената не е вградено ДДВ-то. Кај хигиенски влошки цената се движела од 27,9 денари до 63,56 денари по парче, во што не е вклучена царината од 6 отсто“, вели Бектеши.

За замрзнувањето на цените на овошјето и зеленчукот ќе се знае в петок или недела, вели Бектеши. Според Бектеши, повеќе од пет-шест производи ќе бидат замрзнати, но одлуката ќе зависи од тоа колкава е разликата во делот на маржите за да може да се замрзнат увозните производи.

„Најверојатно, влезните параметри од Министерството за земјоделие веќе се во Министерството за економија во секторот за трговија. Ги очекуваме и податоците од Царинската управа во тек на денешниот ден, најверојатно до утре ќе ги имаме до петок. Во недела ќе излеземе со информација за тоа кои производи ќе бидат вклучени“, додава Бектеши.

Одлуката се носи согласно со анализите направени од Секторот за трговија, имајќи ги предвид увозните цени добиени од Царинската управа, а стапува на сила по објавување во Службен весник и ќе се применува до 1 април 2023 година.

Ребека Спасова М-Нет