Полицијата и граѓаните заедно – СВР Штип реализираше превентивна активност

„МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“ е превентивната активност која денеска ја реализираше СВР Штип. Во рамки на кампањата на МВР и МПС на граѓаните им беа поделени информативни летоци, а се објаснуваше полициското работење базирано на градење партнерство и доверба меѓу полицијата и граѓаните. На најмалите во присуство на родителите им беа презентирани опремата и средствата кои ги користи полицијата во своето секојдневно работење.

„Заедничкото работење меѓу полицијата и локалното население е важно за идентификување на проблемите, поставување на приоритети и решавање на современите предизвици на локалната заедница како криминал, социјални и физички нарушување. Затоа нашата стратегија како Министерство за внатрешни работи и Полиција е со проактивен пристап кон проблемите на заедницатам, нивно идентификување, анализа и коректно решавање да влијаеме за долгорочно намалување на тие проблеми. Создавањето продуктивен однос помеѓу полицијата и граѓаните, органите на Локалната самоуправа, Локалните совети за превенција и советодавните групи на граѓани, но и сите останати институции сѐ со цел спречување на криминалитетот и останатите потенцијални опасности за граѓаните овозможува заедничка одговорност кон решавање на проблемите“, истакна Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.

Од СВР Штип посочија дека применувањето на законските прописи, постапувањето согласно со правилата и професионалните стандарди со цел заштита на човековите слободи и права е обврска на сите вработени во МВР при извршување на работните задачи и за ова постојат посебни механизми за внатрешна контрола на полицијата.

„Кој било граѓанин кој смета дека полициски службеник не постапил според професионални стандарди, ги надминал своите овластувања или му ускратил некое со закон загарантирано право, може да поднесе жалба или претставка до Одделот за внатрешна контрола, криминални истраги и професионални стандарди на МВР. Секако, тука е и надворешниот механизам како дел од реформите кој се состои од две компоненти и тоа: посебно одделение во рамки на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, за истражување и гонење на кривични дела од страна на лица со полициски овластувања и надворешен механизам за граѓанска контрола при Народниот правобранител“, додаде Панајотова.

Ова не е прва првентивна активност на СВР Штип, посочи Панајотова, туку во изминатиов период се спроведени низа едукативни кампањи. Денешната активност се реализираше од страна на полициски службеници од ПС за БПС Штип, ПС ОН Штип, Отсекот за превенција и припадници на специјалната посебна единица при МВР на Плоштадот на пријателството во Штип.

Ребека Спасова М-Нет