Стара пракса, нова локација – се чисти тврдината Исар пред утрешниот ден

Чист простор, искосена трева, без вообичаеното ѓубре, отпад и смет. Вака денеска изгледаше тврдината Исар на само еден ден пред „Четрсе“ настанот на кој граѓаните се искачуваат на Исарот. Два дена екипи на ЈП „Исар“ работеле на терен за чистење и средување на просторот и беа изнесени два трактори ѓубре.

„Два дена имаме работни активности од одделението за паркови и зеленило и Јавна чистота, работните активности, вработените работеа, сечеа дрва, на собирање на отпад и чистење на тврдината Исар, бидејќи како што знаеме утре е празникот Свети четириесет маченици и по тој повод нашите сограѓани штипјани се искачуваат на тврдината Исар“ – вели Коцев.

Само една недела претходно Исарот беше простор затрупан со ѓубре и отпадоци, а на прашањето дали се чисти само од настан на настан директорот Коцев потенцираше дека со овие вработени кои ги има претпријатието толку може да се постигне.

„Со оглед на бројот на вработени кои ги имаме во Паркови и зеленило во комунална хигиена и чистотата правиме максимални напори покрај нашите редовни активности кои ги имаме редовни обврски, се трудиме максимално еве вклучуваме работа и во саботи сѐ со цел да исчиситиме вакви предели, некои депонии каде има натрупано повеќе отпад“ – додава Коцев.

ЈП „Исар“ моментално е на работ на екипираноста, бидејќи кога има поголеми побарувања од страна на граѓаните имаат недостиг на вработен кадар.

Инаку, во Штип се чисти само пред настани. Идентична ситуацијата беше и со чистење на спомен обележјата кои се уредуваат само пред настани.

Лаура Стојанова М-Нет