
Коритото на река Отиња во Штип ќе биде раззеленето со нови садници. Активноста денес почнаа да ја реализираат општинските власти, а е со поддршка од општествено-одговорни компании кои ги донираат садниците. Ова е дел од проектот за уредување на коритотото на река Отиња, кој претходно беше најавен.
„Ќе се засадат неколку стотици дрвја во централното градско подрачје на потегот од Црквата „Св. Никола“ до Гимназијата „Славчо Стојменски“, а во наредните денови ќе се засадат и останатите садници на целиот потег долж течението на река Отиња. Еве, да го искористиме периодот на засадување на вакви садници и да успееме што е можно повеќе локации, паркови, површини да раззеленееме и да ги уредиме“, истакна градоначалникот, Иван Јорданов.
Раззеленувањето се реализира со логистичка поддршка од ЈП „Исар“, од каде директорот, Трајан Коцев, истакна дека периодов ќе се искористи за хортикултурно уредување со сите садници кој ги има во Расадникот на јавното претпријатие.
„Денес засадуваме дрво албиција, кое е повеќегодишно дрво со прекрасни цветови коишто цветаат во текот на целото лето. Наредната недела ќе имаме засадување на испразнетите места на дрворедот на коритото на река Отиња и веќе сме на терен на територијата на општина Штип каде и да има испразнето место, засадуваме од дрвцата коишто ги имаме. Во месец април најавувам дека ќе имаме хортикултурно уредување на парковите и кружните текови со цветовите коишто ги одгледуваме“, вели Коцев.
Ваквата акција е продолжување на она што беше започнато викендов, кога во месноста Кумлак се посадија над 4.000 садници црн бор. Проектот за уредување на коритото на река Отиња предвидува целосно осветлување со нови канделабри и стотина клупи и ќе се реализира во текот на следните месеци.
Ребека Спасова М-Нет