Реми на пресметката помеѓу Воска и Гостивар, Пелистер убедлив, три бода за Детонит Плачковица

20-тата рунда од Втората македонска фудбалска лига беше одбележана со големата дерби пресметка помеѓу Воска Спорт и Гостивар, која се одигра на СЦ „Билјанини Извори“ во Охрид, а соочувањето заврши со делба на бодовите без голови (0:0).

Гледачите на телевизија М Нет имаа ексклузивна можност да уживаат во големата дерби пресметка помеѓу двата главни претенденти за пласман во Првата македонска фудбалска лига.

Времево не беше сојузник бидејќи во текот на вчерашниот ден и денешниот ден во Охрид врнеше дожд, па теренот не беше во најдобра состојба за ваков голем натпревар.

Одлична игра, но фалеше реализација за голови.

Пелистер на домашен терен се соочи со Охрид во меч каде битолчани беа фаворити за трите бодови и за нов триумф со кој ќе продолжат да ги напаѓат местата кои водат во Прва лига. Пелистер со убедливи 3:0 го дови Охрид со головите на Китановски и Спиркоски, како и автоголот на Ѓорѓиески.

Во Чегране се соочија Арсими и Детонит Плачковица во меч кој заврши со минималец за радовишани од 0:1, со голот на Адемов, па така трите бода одат во Радовиш.

Борец откина бод од Кожуф во Гевгелија играјќи 1:1. Кожуф прв стигна до водство со голот на Бојан Иванов, а во вториот дел Дамјан Пешовски погоди за конечни 1:1.

Беласица во вториот дел со 2:0 ја доби Каменица Саса во Струмица со головите на Радојчиќ и Серафимовски.

Колото ќе биде комплетирано утре. Вардар на домашен терен ќе се соочи со Караорман, Тетекс ќе игра дерби за опстанок со Локомотива Пехчево, а пак Слога ќе биде домаќин на Беса во Виница во директен пренос на М Нет.