4.000 садници црн бор во месноста Кумлак во Штип посади штипската администрација

Општинската администрација и вработените во јавните претпријатија денеска пошумуваа во месноста Кумлак во Штип. Акцијата за раззеленување на овој дел од градот се спроведе преку засадување на 4.000 садници црн бор. Целта на активностите кои се преземаат во пресрет на пролетта, вели градоначалникот Јорданов, е да се подигне јавната свест за позитивно влијание на животната средина и раззеленување на површините во градот.

„Денес заедно со јавната администрација, со јавните претпријатија сакам да изразам голема благодарност до сите коишто зедоа учество. Започнавме со засадување на неколку илјади садници црн бор на месноста Кумлак, а во наредните денови исто така акцијата за пошумување ќе продолжи и на други локации, најавувам дека и коритото на река Отиња ќе биде засадено со илјадници садници коишто во годините коишто следат, се надевам, ќе претставуваат еден зелен појас во централното градско подрачје“, истакна Јорданов.

Садниците црн бор се донација од општествено-одговорни компании, но во следниот период хортикултурно ќе се уредува и со цвеќиња и садници од расадникот на ЈП „Исар“.

„Во одделението – расадник имаме сопствено производство и за оваа година планираме да изведеме 20.000 цвеќиња, стотици садници на дрва, јавор и јасен. Хортикултурни уредувања ќе направиме по парковите и обиколниците во општина Штип“, вели Коцев.

Во периодот којшто следи ќе се спроведуваат и други акции за зачувување на животната средина, како што е и расчистувањето на ѓубрето и сметот во урбаните заедници, нешто што се реализираше и претходната година овој период.

Ребека Спасова М-Нет