Костадиновска Стојчевска: Незадоволството од сумата за Макфест може да се искаже преку жалба

Сѐ уште има рок да се реагира на покажаното незадоволство за средствата кои министерството за култура ги одобри за фестивалот Макфест, истакна денеска Министерката за култура, Бисра Костадиновска – Стојчевска, која беше во посета на Штип. Вели дека откако ќе заврши рокот на жалби повотрно ќе се излезе со брифинг за јавноста. Додава дека незадоволните страни може да се жалат ама прво да земат предвид што напишале во апликацијата.

„Би сакала да кажам дека уште има правен механизам да се реагира на сето она незадоволство кое е покажано, но да се има предвид што одговорните лица односно подносителите на таа апликација, по однос на тоа што напишале во самата апликација. Кога ќе заврши тој правен рок, таа правна алатка за одговор на жалби повторно ќе направиме еден брифинг. Решенијата ги примаат самите корисници имаат рок од 15 дена“ – вели Костадиновска – Стојчевска.

На градоначалникот Јорданов нејасно му е со како образ министерката се појавува во Штип пред штипјани. Додава дека ако сака да му помогне на градот и фестивалот има можност да ја корегира сумата која министерството ја додели на штипски Макфест.

„Превише ми значи Штип и Макфест за да дадам значење на министерката за култура. Не знам со каков образ и лице е дошла денеска во Штип за да излезе пред штипјани, лицето кое сака да го уништи Макфест. Денеска е ден кога треба да се сплотиме, да испорачаме порака на единство и како министерка за култура доколку навистина сака да помогне на Штип и на фестивалот имаат можност да ја корегираат сумата и достоинствено да го организираме фестивалот. “ – додава Јорданов.

Министерството за култура за Макфест одобри 400 илјади денари, а градоначалникот Јорданов истакна дека и оваа година парите ќе се вратат назад.

Лаура Стојанова М-Нет