
По Скопје, сликата се повторува и во Штип. Граѓани ни испратија видео-материјали на кои се гледа како коњ врзан за кука од автомобил, трча по возилото. Случајот е речиси ист како оној од пред неколку дена кога објавена снимка ја разбрани јавноста во главниот град. На снимката уште побездушно беше и тоа што по падот на животното, три лица излегуваат од возилото и насилно го креваат да трча, а од Здружението за заштита на животни реагираа на тоа што кај дел од населението сѐ уште е нормално животните да се користат до нивно малтретирање.
Сепак, за тој случај полицијата брзо презеде потег и трите лица вчера беа приведени во полициска станица. Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „мачење на животни“ по чл. 233 од Кривичниот законик, тројцата скопјани ќе се соочат со парична казна од 150 до 3.000 евра или, пак, затворска казна до шест месеца.
Од Здруженијата за заштита на животните велат дека коњите се секојдневие по улиците како превозни средства, па апелираат да се помогне на социјално ранливите категории во делот на работа и егзистенција со цел да нема ниту опасност во сообраќајот, ниту малтретирање на животните.
Ребека Спасова М-Нет