Во Виница одбележана 22-годишнината од загинувањето на капетан Кирчо Димитриов во 2001 година

Виница ја одбележа 22-годишнината од загинувањето на капетанот Кирчо Димитриов, кој загина во воените дејствија во 2001 година. Меѓу 75-те припадници на македонските безбедносни сили, на 4 март загина и Кирчо Димитриов од Виница, во близина на селото Танушевци. Во таа чест беше организирана панихида, а потоа чест се оддаде преку рецитал на ученици и поздравен говор на градоначалникот на Општината, Миле Петков.

„Капетан Кирчо Димитриов загина тогаш кога, можеби, македонската држава ги преживуваше најтешките моменти од својата понова историја, тогаш кога, можеби, на неговата татковина ѝ беа најпотребни такви херои-бранители. Со неговата смрт Македонија изгуби човек, но доби вечен граѓанин за пример. И по 22 години не стивнуваат емоциите во кои се испреплетува доза на огорченост и револт од неправедната смрт на 75 припадници на македонските безбедносни сили. Денес ние им оддаваме почит на Кирчо и Дејан и на сите наши бранители кои пролејаа крв за татковината. Капетанот Кирчо Димитриов загина за да живее вечно во македонската историја. Хероите не умираат!“, истакна Петков.

Организатор на одбележувањето беше Организацијата на резервни офицери, при што пригоден говор имаше и претседателот, Гоце Георгиев. Тој истакна дека спомените за 33-годишниот капетан, кој беше командир на Третата моторизирана чета, остануваат во спомените на сите жители од виничкиот крај.

„Мачни беа сценаријата од погребите на загинатите бранители, тажни беа сликите со расплакани родители, сопруги, деца, другари, пријатели и колеги. За жал, ваквите тажни сцени и слики не го одминаа и нашиот град. Тој кобен 4 март 2001 година, пред 22 години, во неизмерна болка и тага, го зави во црно семејството на Кирчо, но и нашиот град, бидејќи изгубивме добар и совесен граѓанин. Но ме радува фактот што и по толку изминати години, собрани сме овде во голем број, достојно и одговорно да оддадеме почит пред спомен бистата на нашиот бранител, нашиот херој, да сведочи за пример“

Свежо цвеќе положија членови на семејството, претставници на Армијата, Општина Виница, како и други институции, здруженија и ученици. Настанот се одржа пред спомен бистата на капетан Димитриов пред општинската зграда.

Ребека Спасова М-Нет