
Повеќе пазарџии отколку купувачи, на кочанскиот пазар ситуацијата е сѐ покритична, посочуваат тамошните продавачи. Се продаваше сѐ, од зеленчук и овошје, до житни култури, ракија, вино и цвеќиња, стандардно како и секој четврток, ама продажбата одеше слабо. Производителите и понатаму реагираат на високите трошоци за ѓубриво и производство, што речиси и да не се исплаќа на пазар.
Дека на пазарот има сѐ, ама за тоа нема пари, потврдуваат и купувачите. Со ниски плати, пензии и без помош и понатаму едвај се купува нешто за прехрана, велат кочанчани.
Побарувачката на пазарот во Кочани во надолна линија оди веќе неколку недели. Кочанчани на пазар не купуваа во голема мера и пред изминативе празници, што претходно не беше случај. Купувачите постојано потенцираат дека се во незавидна положба поради ниските примања, а продавачите, пак, посочуваат и на лошите услови во кои работат.
Ребека Спасова М-Нет