
Пекарите и маркетите ги усогласија цените на белиот леб пуштен за продажба деновиве. Во најголема мера цената на лебот е од 30 до 33 денари. Дел од пекарите направија драстично намалување на цената на лебот и за пет денари и како што велат ова е заради две причини: првата заради одлуката на Влада и втората за да им се излезе во пресрет на потребите на граѓаните. Во Штип леб има, дневно се трошат од 10 до 15 илјади парчиња, но опасност од празни рафтови засега не постои.
„Прво затоа што се донесе таква мерка, ние сме граѓани на оваа држава и треба да ги почитуваме законите. Едноставно од таа причина и да им излеземе во пресрет на граѓаните, бидејќи знаеме каква ни е економската состојба да може сите ние некако да го пребродиме овој тежок период.“ – вели Малинов.
Од пекарите посочуваат дека суровини имаат за наредните два до три месеца. Тоа значи дека за еден месец ќе се знае дали ваквата цена на лебот е исплатлива за нив или не. Моментално велат се наоѓаат на границата на минимумот.
„Знаете како секој го толкува на различен начин. Ние сме на граница на минимум, на исплатливоста. Пресметките ќе ги знаеме после еден месец, кога ќе ги имаме сметките за струја и другите сметки, платите кога ќе ги исплатиме ќе знаеме на што сме и како сме. Суровини имаме за два до три месеци, во зависност од цените на суровините ќе видиме дали ќе може да издржиме оваа наметната ситуација.“ – додава Малинов.
Штип и регионот не останаа без леб, и покрај замрзнувањето на цената на 33 денари. Согласни се дека леб ќе има и граѓаните немаат потреба да бидат загрижени.
Лаура Стојанова М-Нет