
Седумнаесетина членови на сениорската карате репрезентација на Македонија, меѓу кои двајца од Штип, Емил Павлов и Бојана Манева, учеството на Европското првенство треба да го платат од свој џеб. Ваква информација од Карате федерацијата добиле непосредно пред заминување, односно дваесетина дена пред почетокот на Европското првенство. Ова според тренерот на Карате клуб Штип, Жарко Арсовски, е срам за раководството на Карате федерацијата и неодговорно менаџирање со финансиските средства со кои располагаат.
„Сениорската репрезентација, замислете сениори, најголемата и најценетата селекција, каде што има сериозни натпреварувачи коишто цела година тренираат, се подготвуваат за ова натпреварување, гром од ведро небо за нив – дваесет дена пред Европското првенство им кажуваат дека самите треба да си платат. Еден Емил Павлов со шест европски медали и еден светски медал наместо да се подготвува, треба да бара спонзори за да ја претставува Македонија на Европското првенство“, истакна Арсовски.
Ваква грешка Федерацијата прави по вторпат, вели Арсовски. И на минатото Европско првенство, парите ги наоѓале сами, а подоцна се рефундирал само дел од сумата. Раководството е тоа коешто мора да обезбеди пари барем за сениорите, ако не и за другите селекции, посочува Арсовски.
„Откога дојде новото раководство, веќе ова е второ Европско сениорско првенство и истите грешки се случуваат по вторпат. Тие очекуваат пари од Агенцијата за млади и спорт, ама Агенцијата нема никаква законска одговорност да им покрива средства за Европско и Светско првенство. Раководството, односно Извршниот одбор се должни да најдат спонзори за да обезбедат пари, барем за сениорите“, додава Арсовски.
Арсовски порачува одлуката да се поништи, инаку, неговиот и ставот на Карате клубот е дека раководството нема што да бара на позицијата која ја има.
„Мислам дека треба да ја поништат таа одлука, треба посериозно да си ја сфатат работата, таа одлука да ја поништат и во целост да го платат целото патување за Европското првенство. Ние всушност и не треба овде да зборуваме за вакво нешто, се знае дека сениорите секаде патуваат и се поддржани од Федерацијата, градат форма и ја претставуваат државата. Ова е срам за една Федерација и спорт којшто е еден од најтрофејните во Федерацијата“, додава Арсовски.
Карате клубот нема да ги остави Бојана Манева и Емил Павлов сами, велат дека стојат зад капитените на нивниот клуб.
Ребека Спасова М-Нет